Манчестер јунајтед му поставил ултиматум на Ентони да ја прифати една од понудите што ги има до крајот на оваа недела и да го напушти клубот. Во моментов за Бразилецот има неколку понуди вредни меѓу 30 и 40 милиони евра, меѓу кои и една од Саудиска Арабија, но самиот играч е решен да се врати во Бетис, каде што ја мина втората половина од минатата сезона.
Во дресот на Зелено-белите од Севилја, Ентони забележа девет гола и пет асистенции во 26 натпревари.
Од „Олд Трафорд“ биле јасни дека мора да избере клуб за трансфер, во спротивно следната сезона ќе ја мине тренирајќи со младинските категории и ќе ги гледа натпреварите од трибините.
Со оваа тактика Црвените ѓаволи се обидуваат да го забрзаат трансферот и да спречат обиди од Бетис и Ентони да ја блокираат продажбата на играчот со инсистирање на нова позајмица. Според повеќе извори, Ентони веќе одбил неколку понуди, вклучувајќи и многу големи суми од Саудиска Арабија.
Спортскиот директор на Бетис, Ману Фахардо, индиректно ја потврди ваквата стратегија на клубот.
„Секој ден што минува ни дава надеж дека тој ќе се врати. Ако Ентони дојде, тоа ќе биде затоа што бројките одговараат. Најважна за нас е финансиската стабилност и нема да преземеме ништо неразумно“, изјави Фахардо.
Манчестер јунајтед, од друга страна, се обидува да се ослободи од непотребните играчи и да собере дополнителни средства за нови засилувања пред крајот на преодниот рок за околу дваесет дена.