Манчестер јунајтед загуби од Вест хем со 2:0 што е осми пораз во првенството, по само 18 одиграни кола. Дури 12 бодови заостанува Манчестер јунајтед во однос на лидерот Арсенал, а осум бода е зад Тотенхем кој е на четвртото место, последно кое води пласман во Лигата на шампиони.
Освен во првенството, Црвените ѓаволи сезонава беа очајни и во Лигата на шампиони, па ја крајот завршија на последното место на табелата и за нив заврши европската авантура.
Од почетокот на сезонава, Манчестер јунајтед одигра 26 меча во сите натпреварувања, а загуби дури 13 пати. Овие 13 порази се најмногу за англискиот гигант остварени пред католичкиот Божиќ во последните 93 години. Последен пат Манчестер јунајтед до Божиќ имал 13 порази во далечната 1930 година, што само покажува колку е очајна оваа сезона за тимот предводен од Ерик тен Хаг.
Освен поразите, Манчестер сезонава игра очајно и во нападот, па оваа екипа нема постигнато ниту еден гол во последните шест часа поминати на терен.