Манчестер јунајтед и Њукасл попладнево на „Вембли“ во Лондон ќе го одиграат финалето на Лига купот, кое предизвикува големо внимание и надвор од Англија, како ретко кое во последните годни.
Причините се повеќекратни. Чавките од северот на Англија првпат после 1999 (тогаш загубија од Ман.јунајтед во ФА купот) играат финале на еден од домашните купови, а 54 години се без трофеј, ако не се смета првото место во Чемпионшип. Последниот голем пехар Њукасл го освоил во некогашниот Куп на саемски градови, во далечната 1969 година. Но, за Њукасл со новите богати сопственици дојдоа многу подобри денови, и имаат шанса да ги израдуваат фановите со трофеј.
Манчестер јунајтед игра во одлична форма, нема пораз уште од 6-ти ноември, и навивачите на Црвените ѓаволи со право се надеваат на победа и прв трофеј после оној во 2017 година во Лига Европа. Во овие шест сезони, поминаа над 2.000 денови, Јунајтед смени пет тренери, и потроши речиси 1 милијарда евра за засилувања, но посакуваните резултати не дојдоа. Манчестер ги губеше последните три финалиња (Суперкуп на УЕФА во 2017, ФА купот во 2018, и Лига Европа во 2021).
Најголем проблем за Манчестер е што разиграниот Маркус Рашфорд не е фит, има повреда поради која не можеше да го доигра мечот со Барселона пред три дена. Од завршувањето на СП наваму, ниту еден играч во топ лигите нема дадено повеќе голови од Рашфорд.
Маката на Њукасл е на голманската позиција. Ник Поуп и Мартин Дубравка не се во можност да бранат, па на голот треба да биде Лорис Кариус или Марк Гилеспи. Двајцата одамна немаат брането на официјален меч.