Управата на Манчестер јунајтед и менаџерот Ерик тен Хаг, по заминувањето на Кристијано Роналдо одлучија да свртат нов лист во раководењето со клубот и воведоа лимит за плати, кое англиските медиуми го нарекоа правилото Роналдо.
Чашата се прели со Роналдо, кој пред почетокот на Светското првенство во Катар, спогодбено го раскина договорот и за годишна плата од неверојатни 200 милиони долари потпиша за саудискиот Ал Наср. Португалецот имаше годишна плата помеѓу 23 и 24 милиони евра, и со новата стратегија, управата повеќе нема намера да издвојува 500.000 евра неделно за плата на некој играч.
Поради тоа управата одлучи да воведе лимит за платите на најголемите ѕвезди, според весникот „Дејли Мејл“, границата е поставена на 9-10 милиони евра годишно, а прв играч кој ќе се најде на удар е голманот Давид де Хеа.
Договорот на Де Хеа истекува на крајот на сезонава, челниците на Јунајтед сакаат да ја продолжат соработката, но немаат намера да му понудат иста плата каква што има сега, 20 милиони евра по сезона.
Шпанецот инсистира да потпише нов договор за истата плата и поради тоа преговорите се прекинати. Поради враќањето на голманот Мартин Дубравка во Њукасл, Црвените ѓаволи на позајмица го донесоа Џек Батланд од Кристал палас кој треба да му биде резерва на Де Хеа, што англиските медиуми го оценија како ултиматум од управата до голманот да ги прифати новите услови или ќе си замине на крајот од сезоната.
Најголем проблем за управата да ги задржи своите фудбалери во рамки на новиот лимит за плати ќе има со напаѓачот Маркус Рашфорд. Англискиот репрезентативец одигра одлично на СП во Катар, а одличен е и сезонава во дресот на Јунајтед, но инсистира да потпише нов договор со Црвените ѓаволи под негови услови.
Актуелниот договор му истекува во 2024 година. Доколку не се најде заеднички јазик околу новиот договор, можно е Рашфорд на лето да биде продаден за управата да заработи пари, а голем интерес за англискиот репрезентативец пројавуваат ПСЖ и Барселона.