Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас е желба на англискиот гигант Манчестер јунајтед, открива италијанскиот медиум „Тутомеркатовеб“. По одличните настапи оваа сезона во дресот на Наполи, неговото име повторно е актуелно на европскиот трансфер-пазар, а и тренерот Антонио Конте побарал од претседателот Аурелио де Лаурентис клубот целосно да го откупи неговиот договор од Лајпциг.
Сепак, јасно е дека Наполи за Елмас ќе има сериозна конкуренција. Црвените ѓаволи сакаат да го засилат средниот ред, а македонскиот интернационалец се смета за одлична опција, особено ако се земе предвид дека за неговиот трансфер би требало да платат околу 17 милиони евра. Дополнителна предност е неговата поливалентност бидејќи може да покрие неколку позиции во средниот ред.
Планот на Манчестер јунајтед е Елмас да биде дел од реконструкцијата на тимот во средината на теренот и потенцијално да претставува помлада алтернатива за Бразилецот Каземиро, кој во моментов има една од највисоките плати во клубот.

