Медицинскиот тим на Манчестер јунајтед се надева дека повредата на коленото што ја доби напаѓачот Бењамин Шешко за време на мечот против Тотенхем не е сериозна, а првичните прегледи се охрабрувачки.
Менџерот на Јунајтед, Рубен Аморим, потврди дека Шешко го повредил коленото, по што беше принуден да го напушти теренот на стадионот „Тотенхем Хотспар“ во саботата.
Шешко влезе како резерва во 58-мата минута, но падна на теренот три минути пред крајот, и веднаш стана јасно дека нема да може да продолжи. Ова е уште еден непријатен момент за напаѓачот, кој имаше тежок старт на кариерата на „Олд Трафорд“.
Досега постигна само два гола за Црвените ѓаволи по трансферот.
И покрај загриженоста, различни извори тврдат дека Шешко веќе поминал првични тестови на коленото и тие „покажуваат дека повредата не е сериозна“. Според дел од британските медиуми, скенерите не покажале ништо загрижувачко. Сепак, фудбалерот ќе помине и магнетна резонанца пред да биде утврдена конечната дијагноза.
Веднаш по натпреварот во Лондон, Рубен Аморим изјави дека повредите на коленото секогаш се загрижувачки, а Бењамин Шешко ќе го добие најдобриот можен третман.

