Манчестер јунајтед во Бергамо ја пронајде замената за Андре Онана

Англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед сериозно го разгледува ангажманот на голманот на Аталанта, Марко Карнезеки, пренесува угледниот италијански весник „Кориере дела Сера“.

Според информациите, на „Олд Трафорд“, веќе се прават подготовки за евентуално заминување на Андре Онана во летниот преоден рок, а како негова можна замена е идентификуван 24-годишниот италијански репрезентативец. Менаџерот на Црвените ѓаволи, Рубен Аморим, лично инсистира на негов ангажман.

Аталанта е отворена за преговори и го проценува Карнезеки на околу 45 милиони евра. Голманот има договор со клубот од Бергамо до летото 2028 година.

Во изминатата сезона (2024/25), Карнезеки беше еден од клучните играчи за Аталанта, запиша 44 настапи, 18 чисти мрежи и прими само 45 гола, што дополнително го засили интересот од европските велесили.

Се очекува Манчестер јунајтед да направи конкретен чекор и да испрати официјална понуда за младиот чувар на мрежата, кој би можел да биде долгорочно решение на голманската позиција.

- Оглас -

Најнови вести