Лук Шо се чувствува добро, по повредата на главата која ја здоби со неконтролираниот пад на тревата на „Вембли“ во 47. минута на мечот помеѓу Англија и Шпанија од Лигана на нации. Левиот бек на Манчестер јунајтед се удри во противничкиот играч Даниел Карвахал и незгодно падна на теренот. Лекарскиот тим 5-6 минути го имобилизираше, му ставија маска за кислород, и го изнесоа на носила.
Сликата беше непријатна, но последните информации се дека тој се чувствува добро, и не станува збор за тешка повреда. Селекторот Герет Саутгејт, кажа дека после мечот, Шо разговарал и се однесувал комфорно во соблекувалната, но за секој случај, ќе му бидат направени дополнителни тестови.
„Ви благодарам на сите за љубовта и поддршката која ми ја дадовте. Во добри раце сум. Фино се чувствувам. Борец сум, наскоро ќе се вратам на терен“ – напиша Шо на „Твитер“.
Англичаните за првпат после 30 години, загубија три официјални мечеви по ред, а им заврши и периодот од 11 години без пораз на домашен терен.