По завршувањето на најлошата сезона во последните 40-тина години, Манчестер јунајтед замина на долго патување во Азија, каде што вчера го имаше и првиот контролен меч. Иако англискиот гигант беше голем фаворит во дуелот со АСЕАН Олстар-тимот на меч одигран во Куала Лумпур, на крајот загуби со 1:0.
Манчестер јунајтед патуваше дури 10.000 километри за да одигра два меча во Азија. Ова е прва посета на Црвените ѓаволи на Малезија по 2009 година, а на крајот, пред 72.000 гледачи, фановите на англискиот тим останаа разочарани, па затоа по завршувањето на мечот, со свирежи ги испратија своите омилени фудбалери.
„Откако сум во клубот, секогаш се чувствувам виновен за перформансите на тимот. Свиркањата можеби се нешто што ни треба бидејќи на секој натпревар што го губевме во Премиер лигата навивачите беа зад нас и ни даваа поддршка. Да видиме дали ќе биде исто и следната сезона“, рече Рубен Аморим по поразот на азиската турнеја.