На „Олд Трафорд“ дефинитивно го добија најдобриот Божиќен подарок, Оле Гунар Солскјер. Норвешкиот стратег направи „црвените ѓаволи“ да делуваат моќно како во времето кога на клупата седеше легендарниот Сер Алекс Фергусон.
Солскјер победи во сите три меча и тоа убедливо. Точно е дека тоа беа дуели против екипи кои се во долниот дел од табелата (Кардиф, Хадерсфилд и Борнмут), но пред доаѓањето на Норвежанецот, Манчестер и против овие ривали се мачеше, па дури и знаеше да загуби.
Статистиката покажува еден опасен и офанзивно настроен Манчестер. На трите меча со Солскјер на чело, Манчестер даде 12 погодоци. Такво нешто најтрофејниот клуб во Ангија нема направено уште од декември 2011 година. Тогаш беше последен пат кога на три средби во низа, „црвените ѓаволи“ дадоа 12 погодоци.
Навивачите на „Олд Трафорд“ веќе му посветија еден транспарент на новиот тренер и јасно покажаа што мислат за играчот кој пред речиси 20 години беше еден од најзаслужните што Манчестер јунајтед стана европски првак.