Манчестер сити е подготвен да го продаде Џек Грилиш за околу 40 милиони фунти, пренесуваат британските медиуми. Тоа би значело загуба од над 60 милиони фунти за клубот во споредба со рекордниот трансфер од 100 милиони, платен на Астон Вила во 2021 година, трансфер кој го направи Грилиш најскапиот британски фудбалер во историјата.
Грилиш во дресот на Сити освои три титули од Премиер лигата, ФА купот, Лигата на шампиони и беше дел од историската тројна круна во сезоната 2022/23, но неговата иднина во клубот е сериозно доведена во прашање. Во последната сезона, 28-годишниот Англичанец го загуби статусот на стартер, не беше вклучен во составот за Светското клупско првенство, а и ретко добиваше шанса за настап од Пеп Гвардиола.
Грилиш има договор со Сити до 2027 година, но според извори од клубот, понуда од околу 40 милиони фунти би била прифатена, што е јасен сигнал дека Граѓаните се подготвени да се разделат со него.
Засега не се споменуваат можни нови клубови, но се очекува интерес од Премиер лигата, а потенцијална дестинација останува и Саудиска Арабија, со оглед на трендовите од последните трансфер периоди.