Манчестер сити и Милан го договорија трансферот на Холанѓанецот Рејндерс

Манчестер сити и Милан постигнаа договор за трансферот на холандскиот репрезентативец Тијани Рејндерс. Граѓаните ќе платат вкупно околу 70 милиони евра вклучувајќи бонуси, а Рејндерс ќе потпише петгодишен договор со премиерлигашот.

Личните услови со фудбалерот веќе беа договорени, а денес беше постигнато и целосно усогласување со Милан. Претходната понуда од Манчестер сити во висина од 60 милиони евра беше одбиена, но на крајот клубовите најдоа заеднички јазик.

Тијани Рејндерс беше една од ретките светли точки во слабата сезона на Росонерите. Холанѓанецот одигра 54 натпревари, постигна 15 гола и запиша 5 асистенции, иако Милан не успеа да обезбеди учество во европските купови. Иако клубот во март му го продолжи договорот до 2030 година, одлуката да го пуштат веројатно е поврзана токму со тоа.

Покрај Рејндерс, Манчестер сити работи и уште на две засилувања, Рајан Шерки од Лион и Рајан Аит-Нури од Вулверхемптон. Милан, пак, како потенцијална замена го разгледува трансферот на Лука Модриќ, кој моментално е слободен агент.

- Оглас -

Најнови вести