Актуелниот првак на англиската Премиерлига, Манчестер сити, со 3:1 славеше на гостувањето кај Саутемптон, со три бода ја прекина серијата од два порази, и се загреа пред супердербито против Ливерпул кое може да биде и клучно околу титулата. Сите четири гола паднаа во првото полувреме.
Аргентинецот Серхио Агеро има пет гола и четири асистенции во деветте меча со тимот од јужното пристаниште во Англија, и докажа дека Саутемптон му е една од омилените жртви. Агеро ја затвори гол-серијата, која ја отвори Давид Силва, а домашните си дадоа и автогол. Саутемптон е најнесреќната екипа во лигата со три автогола сезонава.
Попладнево се одигра уште еден меч во Премиерлигата, Барнли беше подобар од Вест Хем со 2:0, а и таму головите паднаа во првото полувреме. Бодовите за Барнли се многу важни во битката за опстанок. Двајт Мекнил кој пред еден и пол месец наполни 19 години, стана првиот тинејџер кој дал гол за Барнли, додека Крис Вуд, од 13-те гола во кариерата, пет има дадено во дуелите со Вест Хем.