Напаѓачот на Манчестер сити, Ерлинг Халанд, ќе биде меѓу првите што би си заминале од „Етихад“ доколку Граѓаните бидат исфрлени од Премиер лигата поради прекршување на финансискиот ферплеј и финансиски малверзации, пишуваат англиските медиуми.
Манчестер сити се најде на тапет на Премиер лигата поради малверзации со приходите, со платите на фудбалерите и тренерите, поради прекршување на правилата на финансискиот ферплеј, како и доставување лажни извештаи за време на истрагата.
Премиер лигата истрага ја започна уште во март 2019 година, а обвинението се однесува на работата на Манчестер сити во секоја од сезоните од 2009 до 2018 година.
Англиските медиуми пишуваат дека Ерлинг Халанд ќе биде првиот фудбалер што ќе си замине од Манчестер сити доколку клубот биде казнет со одземање бодови или со исфрлање од Премиер лигата.
Доколку дојде до разделба со Граѓаните, сите европски медиуми немаат дилеми дека следна дестинација на Халанд ќе биде Реал Мадрид. Норвежанецот пред да потпише со Манчестер сити, преговараше и со Реал Мадрид, но на крајот одлучи кариерата да ја продолжи во Премиер лигата.
„Атлетик“ тврди дека заедно со Халанд ќе си замине и менаџерот Хосеп Гвардиола. Медиумот пишува дека и сопствениците на Граѓаните се свесни дека ќе останат без Гвардиола бидејќи го лажеле за работата на клубот.
Гвардиола во 2020 година им се закани на сопствениците на Сити дека ќе си замине ако повторно биде откриено дека тие правеле финансиски малверзации. Пред три години, Манчестер сити поради кршење на финансискиот ферплеј, од страна на УЕФА беше казнет со 30 милиони евра и беше исфрлен две години од европските купови. Спортскиот арбитражен суд ја укина суспензијата и ја намали и паричната казна, но заканата од Гвардиола остана.
„Ги прашав луѓето од клубот да ми објаснат за што станува збор. Тие ми рекоа дека не се виновни и јас им верував. Тогаш им потенцирав дека ако дознаам дека ме лажеле, веќе следниот ден ќе си заминам“, изјави пред извесно време Гвардиола.