Манчестер сити никогаш не играл во еврокуповите против екипа од Хрватска, па вечерва ќе се запознае со квалитетите на Лигата од каде што потекнуваат играчите што го освоија светското сребро на последниот Мундијал во Русија.
Динамо Загреб е таман за прв дуел на Граѓаните со хрватски претставник бидејќи го претставува најдоброто од својата држава во фудбалска смисла.
Популарните Модри се стандардни учесници во фазата по групи во Лигата на шампионите или во Лигата на Европа, а тие се најдобриот фудбаслки производ од Хрватска во овој милениум. И од нивната извонредна фудбалска Академија потекнуваат многу познати светски играчи, кои минале низ сениорскиот тим на Динамо, а играле или сè уште играат за европски гиганти.
Листата е долга, а меѓу најпознатите се: Модриќ, Чорлука, Ловрен, Ковачиќ, Едуардо, Пјаца, Рог, Брекало, Бенковиќ…
И сега имаат одлични поединци и тим, а предничат со квалитет Дани Олмо, потоа капитенот и македонски репрезентативец Аријан Адеми, Оршиќ, Петковиќ, Ливаковиќ… Имаат и одлични интернационалци и иако Сити е апсолутен фаворит, ќе се обидат да изненадат на „Етихад“ и да освојат барем бод, со што би ја крунисале и почетната блескава победа против Аталанта со 4:0.
„Ги анализиравме одлично и ќе се обидеме да изненадиме. Против моќни тимови каков што има Манчестер сити не одлучува тактиката бидејќи тешко е да се скрои победничка тактика против клуб што има над 20 екстра квалитетни фудбалери. Срцето и желбата за успех, но и борбеноста можат да донесат добар резултат против екипа што е голем фаворит во нашата група“, вели Ненад Бјелица, тренерот на Динамо Загреб.
Пеп Гвардиола сепак знае нешто и за Динамо, а особено е запознаен со квалитетите на Дани Олмо.
„Дани беше во Академијата на Барселона кога јас бев тренер на првиот тим. Имаше храброст да не чека шанса и да замине во Хрватска, што е за респект. Му се враќа со успех, а тој беше еден од нашите најдобри играчи на младинското Европско првенство на кое Шпанија ја освои титулата. Има сè што треба да поседува модерен фудбалер, особен квалитет му е што има работна навика да издржува во секаква ситуација и затоа сега е еден од најдобрите млади играчи. Нема да заборавиме на него, ниту да го потцениме Динамо, тим што ја победи Аталанта со 4:0“, изјави Гвардиола.
Двете екипи имаа победнички старт во групата Ц, па сега ќе се обидат да додадат уште некој бод на стартното салдо.