Тренерот на Челзи, Енцо Мареска, е високо на листата на желби на Манчестер сити како можен наследник на Пеп Гвардиола во момент кога сè повеќе се шпекулира дека тој би можело да го напушти клубот веќе следното лето. Иако Гвардиола има договор до 2027 година, добро упатени извори веруваат дека ова е неговата последна сезона на „Етихад“, пишува „Атлетик“.
Конечната одлука за иднината на Гвардиола се очекува кон крајот на сезоната, но во Сити веќе се подготвуваат за сценарио на негово заминување. Самиот Гвардиола, кој е на клупата на Сити речиси десет години, во мај за ЕСПН изјави дека планира да направи пауза од фудбалот по завршувањето на неговиот мандат во Англија.
„По мојот договор со Сити, ќе престанам“, изјави Каталонецот. „Сигурен сум. Не знам дали ќе се пензионирам, но ќе направам пауза.“
Иако договорот му беше продолжен во ноември 2024 година до летото 2027, историјата покажува дека 54-годишниот стратег одлуките ги носи релативно доцна. На прашање за иднината во октомври, тој одговори дека сè уште чувствува енергија за работа.
„Има простор да бидеме подобри во многу аспекти и тоа ми дава енергија дека работата не е завршена. Тоа е целосно недовршена работа. Затоа сум тука“, истакна Гвардиола.
„Атлетик“ наведува дека 115-те обвиненија на Премиер лигата против Сити, кои клубот жестоко ги негира, немаат влијание врз ситуацијата на Гвардиола.
Енцо Мареска не е непознат во Манчестер сити. Италијанскиот стручњак веќе работеше во клубот во два наврати. Прво, во сезоната 2020/21 го водеше тимот до 21 година, а по кратка епизода во Парма се врати летото 2022 година како помошник во стручниот штаб на Гвардиола. Токму во таа улога беше дел од тимот кој во сезоната 2022/23 ја освои тројната круна.
Мареска во јуни 2024 година го презеде Челзи по успешната сезона со Лестер, кој го врати во Премиер лигата. Во првата сезона на „Стемфорд бриџ“ ја освои Конференциската лига и Светското клупско првенство, како и пласман во Лигата на шампионите. Во моментов Челзи се наоѓа на четвртото место на табелата, со шест бода заостанување зад Сити.

