7.8 C
Skopje
вторник, 28 октомври 2025

Манчестер сити за неколку седмици ќе ја дознае одлуката за 115-те обвиненија за финансиски фер-плеј

Англискиот премиерлигаш Манчестер сити се наоѓа пред клучен момент, во следните неколку недели клубот ќе го дознае конечниот епилог од долгогодишната постапка поврзана со 115-те обвиненија за финансиски прекршоци. Според британските медиуми, одлуката најверојатно ќе биде објавена за време на репрезентативната пауза во средината на ноември.

Сослушувањето започна во септември минатата година и траеше до почетокот на декември. Оттогаш неколку пати се очекуваше независната комисија што го разгледува случајот да донесе одлука, но таа постојано се одложуваше. Сепак, според претставници на клубови од Премиер лигата, конечниот исход треба да биде познат најдоцна до крајот на оваа година.

Обвиненијата се однесуваат на периодот меѓу 2009 и 2018 година и вклучуваат наводни прекршувања на финансиските правила и непотполно доставување на информации до надлежните органи. Првично бројот на обвиненија изнесуваше 115, но подоцна се зголеми на околу 130 поради нејаснотии околу правилата за одредени сезони. Клубот во текот на целиот процес остана цврст во својата позиција – дека не е виновен.

Во рамките на истрагата биле разгледани над 250.000 документи, што ја прави оваа постапка една од најобемните во историјата на англискиот фудбал.

Доколку независната комисија го прогласи Манчестер сити за виновен, можните санкции се сериозни, од одземање на бодови, па сè до исклучување од елитното друштво на Премиер лигата.

Дури и по објавувањето на одлуката, правните процедури не завршуваат тука: можно е процесот да се протегне уште најмалку една година поради жалбите што клубот може да ги поднесе.

- Оглас -

Најнови вести