Италијанската фудбалска репрезентација ја очекуваат две гостувања во квалификациите за пласман на Европското првенство следната година. Аѕурите задутре гостуваат кај Ерменија, а три дена подоцна, односно на 8 септември ќе играат против Финска во Тампере.
Селекторот Роберто Манчини реши на списокот да не ги повика младите ѕвезди Мојс Кин и Никола Заниола. Тоа се двата најголеми таленти на Италија, но Манчини објасни дека не ги повикал во составот поради недисциплина. Во претходниот период овие двајца кога беа дел од националниот тим, често знаеја да задоцнат на тренинзите.
„Им дадовме сјајна шанса и се надевам дека ова ќе им помогне да напредуваат во кариерата. Мораат да научат да се однесуваат. Професионалците секогаш мораат добро да се однесуваат. Прво тоа ќе го научат, а потоа ќе добијат повик во репрезентацијата. Мојот тим е дефиниран. Ги имаме најдобрите репрезентативци, а ако се појават нови и блеснат, сигурно ќе добијат повик“, објасни Манчини.
Италија е лидер во групата Ј со максимални 12 бодови од четири меча. Финска има девет бода, Ерменија е со шест, Грција и БиХ по 4 бодови, а Лихтенштајн е без бодови.