Роберто Манчини веќе го знае стартниот состав на Италија за дуелот против Македонија утре во Палермо. Според „Газета дело спорт“, Аѕурите ќе играат во формација 4-3-3 и без целата стандардна одбрана што играше на Европското првенство лани и успеа да стигне до титулата.
Популарните Кули близначки, Бонучи, кој е повреден, и Кјелини нема да бидат стартери, а на нивното место стопери се Џанлука Манчини од Рома и Алесандро Бастони од Интер.
Спинацола е повреден одамна и на негово место на позицијата лев бек е Емерсон Палмиери.
Десниот бек Џовани ди Лоренцо од Наполи се повреди во последното коло од Серија А и нема да игра, па стартер на таа позиција против нас ќе биде Алесандро Лоренци од Рома.
Главната дилема беше дали ќе игра Кјелини, но според италијанскиот медиум, тој отпадна од комбинација, а Манчини доби предност пред Ачерби.
Средниот ред е стандарден и утре на „Ренцо Барбера“ од 20.45 часот играчи за врска на Италија ќе бидат Барела, Жоржињо и Верати.
Офанзивата ќе ја предводи најдобриот стрелец во Серија А, Чиро Имобиле, десно ќе игра Берарди, а лево Инсиње.
И нашиот селектор, Благоја Милевски, изјави дека нема дилеми со кој состав Македонија ќе го почне бараж-мечот што води кон Мундијалот во Катар.
Голман ќе биде Столе Димитриевски, десен бек Стефан Ристовски, стопери Муслиу и Велковски, а лев бек Алиоски.
Во средниот ред ќе играат Барди и Адеми и веројатно Николов или Ашковски, а во офанзивниот дел ќе бидат Трајковски, Чурлинов и Милан Ристовски.