Манчини уште ја сонува бомбата на Трајковски: Требаше да ја победиме Македонија со 4-1 или со 5-1!

Роберто Манчини во интервју за „Ла Газета дело спорт“ рече дека повторно би сакал да биде селектор на фудбалската репрезентација на Италија и да ја однесе на Мундијал откако не успеа да го стори тоа во 2022, затоа што тогашниот актуелен европски првак во баражот загуби дома од Македонија со 0-1.

„Нема ништо подобро од водење на репрезентација. Сум освојувал трофеи со клубовите, но освјувањето на европската титула беше нешто сосема поинакво, фантастично“, вели 60-годишниот Манчини, кој уште е во добри односи со претседателот на Италијанската фудбалска федерација.

На Манчини уште не му излегува од глава поразот од Македонија во март 2022, кога ги шокиравме со гол на Александар Трајковски во 90-тата минута.

„Во фудбалот ви треба и малку среќа, и Меси и Роналдо не би победувале и не би освојувале толку многу да немаа среќа. Доколку Мартинес не ја одбранеше топката на Коло Муани во 120-тата минута, Аргентина ќе го изгубеше финалето на Светското првенство. Ние имавме ужасно лоша среќа, пропуштајќи го СП 2022. Доминиравме во групата, но бевме елиминирани поради два промашени пенали и пораз од Македонија и покрај тоа што имавме 27 шутеви, а тие само еден. Тој натпревар требаше да заврши 4-1 или 5-1, исто како што оној во Базел требаше да заврши 3-0. Фудбалот понекогаш дава, а понекогаш одзема. Имавме малку среќа што го освоивме Европското првенство и многу лоша среќа што го пропуштивме Светското првенство“, смета Манчини.

- Оглас -

Најнови вести