Манев и Куртулан нема да играат со Балотели во ист тим, Супер Марио најави сензационален трансфер

Марио Балотели е пред изненадувачки трансфер во швајцарскиот прволигаш Сион и сигурно нема да игра повеќе за Адана Демирспор, клуб во кој ова лето пристигнаа двајца македонски играчи, Јован Манев и Арда Окан Куртулан.

Се уште постои можност популарниот Супер Марио да игра и за Валенсија, во Ла Лига, бидејќи во тимот го сака новиот тренер на Лилјаците, Џенаро Гатузо, но тоа е сепак неизвесна варијанта.

Сион беше седмопласиран клуб од вкупно 10 што играа минатата сезона во Првата швајцарска лига, па најавата за ангажман на поранешниот италијански репрезентативец е првокласна сензација.

Балотели лани во јули го засили тогаш новиот турски прволигаш, кој има големи амбиции, но издржа само една сезона.

Постигна 18 гола на 31 меч, а пет од нив му даде на Гезтепе, тимот за кој игра Адис Јаховиќ и тоа во последното коло од турското првенство.

Манев пристигна ова лето во Адана како позајмен играч од Брегалница Штип, а Куртулан му се приклучи нешто подоцна од Фенербахче.

Куртулан е роден во Истанбул, но игра за младата македонска репрезентација до 21 година и е голем талент, па се чека процедура за пасош за да може да игра во иднина и за нашата А селекција.

- Оглас -

Најнови вести