Капитенот на Баерн Минхен, Мануел Нојер, доби „зелено светло“ од медицинскиот тим на германскиот првак да се врати на теренот. Нојер беше на принудна пауза од речиси една година, откако се здоби со тешка повреда на ногата.
Последниот меч на којшто бранеше Нојер беше во дресот на германската репрезентација против Костарика на Светското првенство во Катар минатата година во ноември. Германија изненадувачки беше елиминирана уште во групната фаза, па Нојер доби неочекувана пауза, која ја искористи да оди на скијање. За време на едно скијање, Нојер лошо падна и ја скрши ногата, по што беше јасно дека му следува долга пауза.
Првичните прогнози беа дека голманот ќе може да се врати на теренот пред почетокот на новата сезона, но тој се пожали дека уште има болки, па враќањето беше одложено за неколку месеци.
Сега, на последните лекарски контроли беше потврдено дека Нојер е подготвен да се врати на теренот и на голот на Баерн Минхен. Нојер речиси еден месец тренира заедно со првиот тим на баварскиот гигант, а се очекува тој да биде дел од составот за гостувањето кај Мајнц.
Нојер со Баерн Минхен има договор до јуни 2024 година, што значи дека ова е последна сезона на „Алијанц арената“ за 37-годишниот голман, кој има 489 настапи за најтрофејниот германски клуб.