Лионел Меси на спектакуларен начин со гол од слободен удар од речиси 30 метри стигна до јубилејниот 600-ти погодок во дресот на Барселона. Голот на Меси против Ливерпул само потврди дека Аргентинецот е можеби и најдобар изведувач на слободни удари.
Некогашниот кондициски тренер на репрезентацијата на Аргентина, Фернардо Сињорини, откри дека еден од најзаслужните што Меси толку добро изведува слободни удари е легендарниот Диего Армандо Марадона. Сињорини открива една анегдота за време на репрезентативниот собир на Аргентина, кога Марадона беше селектор.
„Во февруари 2009 година, само неколку месеци откако Марадона беше назначен за селектор, се подготвувавме за пријателски меч против Франција. Еден ден пред мечот, имавме тренинг, а Меси, Маскерано и Тевес побараа да останат на теренот и по тренингот за да тренираат слободни удари. Меси шутираше, а топката заврши високо над пречката. Тогаш Лео се налути сам на себе и замина во соблекувалната. Тогаш се вмеша и Марадона. Беше многу лут. Не можеше да верува дека еден толку добар играч може да шутне толку лошо од слободен удар. Марадона реши да му укаже на грешката и му рече дека не треба да го крева стапалото толку брзо од топката. Потоа Марадона изведе слободен удар и погоди во самиот агол, а Меси беше воодушевен“, открива Сињорини за тоа што се случувало пред 10 години.
Во изминативе неколку години, Меси речиси го усоврши изведувањето на слободни удари, а во кариерата има повеќе од 50 погодоци од ваква позиција.