Додека Аргентинците се во еуфорија по победата над Мексико, кога Мауро Икарди и Пауло Дибала покажаа дека во отсуство на Лионел Меси може да бидат лидери на тимот и го испофалија селекторот Лионел Скалони, славниот Диего Армандо Марадона продолжува да контрира.
Зборот на Марадона се слуша во Аргентина, но овојпат со неговото мислење не се сложува мнозинството. Резултатите говорат дека на Скалони треба да му се даде шанса да биде постојан, а не само привремен селектор на „албиселесте“. Марадона мисли дека вистински човек за селектор е Херардо „Тата“ Мартино.
„Не ми се допаѓа што дозволуваме Тата Мартино да стане селектор на Мексико наместо ние да го ангажираме. Сум играл со него во Њуелс олд бојс и знам дека е прекрасен човек. Скалони е на функцијата против негова волја. Го туркаат, вели дека сака да оди на Мундијал. Не, тој може да оди на СП само во мотоциклизам, а не во фудбал. Како може да имаме селектор кој не освоил ниту еден трофеј, а Тата им го препуштаме на Мексиканците“, напаѓа Марадона.