Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња Диего Армандо Марадона вели дека веќе не може да издржи и сака повторно да започнат фудбалските возбудувања. Марадона, кој како фудбалер се вивна во светските височини, сега работи како тренер во аргентинскиот прволигаш Гимназија Ла Плата, со која се бори да не испадне од лигата.
Во Аргентина фудбал не се игра од 16 март, а засега нема најава кога би можело да продолжи локалното првенство.
„Се наоѓаме во една необична ситуација, не само ние во Аргентина туку и целиот свет. Се радувам што повторно ќе се вратиме во нашиот тренинг-камп, каде што повторно ќе може да работам со играчите. Враќањето на фудбалот ќе биде како кога ја гледате девојката откако ќе се вратите од одмор“, вели Марадона.
Легендарниот Аргентинец се надева дека ќе успее да го спаси тимот на Гимназија од испаѓање. Пред да дојде Марадона, екипата беше „закована“ на дното, а сега успеа да се искачи на 19-тото место од 24 екипи во шампионатот.