Менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, зборуваше по победата на неговиот тим со 2-0 во првото полуфинале од Светското клупско првенство против екипата на Флуминенсе.
„Сè ми се допадна, ако треба да бидам искрен. Ова е одлично достигнување, фантастична сезона, завршивме во топ 4 во Премиер лигата, ја освоивме Конференциската лига, сега сме во финале на ова натпреварување — многу сме среќни!“, изјави Мареска.
Во финалето, Сините ќе се соочат со победникот од дуелот меѓу освојувачите на Лигата на шампионите од последните две сезони, Реал Мадрид и Пари Сен Жермен.
„Жоао Педро мора да биде фудбалер кој знае да ги искористи ваквите шанси, има чувство за завршница и ни е драго што успеа да постигне гол“, додаде Мареска.
Натпреварот меѓу Реал Мадрид и Пари Сен Жермен се игра вечерва, со почеток во 21 часот, а големото финале е закажано за претстојната недела, на 13 јули.
„Одиме натпревар по натпревар, како што се вели. Сега најважно е што сме во финалето и ни останува уште еден меч, па ќе видиме“, рече Мареска.
Моисес Каиседо излезе од игра поради повреда за време на натпреварот, но менаџерот на лондонскиот тим се надева дека ќе може да смета на него за финалето.
„Убеден сум дека ќе направи сè што може за да игра во финалето“, потенцираше Мареска.
Тој беше кус во одговорот на прашањето кого би посакал за противник во финалето.
„Тоа се два врвни тима. Пари Сен Жермен ја освои Лигата на шампионите оваа сезона, Реал Мадрид — минатата. Тоа се големи екипи и јас сум среќен што стигнавме до финалето“, заврши Мареска.