Менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, ја пропушти синоќешната прес-конференција по натпреварот од 19-тото коло од Премиер лигата против Борнмут, кој заврши 2-2.
Неговиот асистент Вили Кабалеро се појави пред новинарите и рече дека италијанскиот тренер не бил во можност да разговара поради нагло влошување на неговата здравствена состојба.
„Тој се чувствуваше лошо во последните два дена. Имаше треска пред два дена. По натпреварот, тој отиде во соблекувалната и ме замоли да го заменам бидејќи не се чувствуваше добро. Тоа е сè што можам да ви кажам“, рече Кабалеро.
Навивачите на Челзи за Нова година посакуваат Мареска да си замине и местото да му го препушти на некој друг. Синоќа имаше и скандирања против Мареска, притисокот врз него и раководството се големи.

