Поранешната светска тенисерка број еден, Марија Шарапова, е примена во Меѓународната тениска куќа на славните.
Заедно со неа, во Класата 2025 влегоа и американските тенисери, браќата Мајк и Боб Брајан кои се прославија во игри во двојки.
Шарапова е прва тенисерка од Русија која ја добила оваа чест, а од мажите влезени се Марат Сафин и Евгениј Кафелников.
Шарапова се пензионираше во февруари 2020 година. Таа освои пет гренд слем титули и 36 ВТА титули во поединечна конкуренција.
Шарапова во говорот во Њупорт му се обрати на својот татко.
„Тато, навистина го направивме ова заедно. Бев малку нервозна кога татко ми ми рече дека сам ќе си го избере костумот за вечерва, но изгледа добро. Имам голема среќа што го поминав овој пат под твое крило. Кога никој не веруваше дека можеме да го направиме тоа, ти секогаш го правеше тоа. Беше уверен во своите одлуки и никогаш не се осврнуваше назад. Постојано бараше да ги подигнам моите стандарди. Но, по патот, никогаш не ја заборави твојата најважна улога: да бидеш мој татко. Тоа е подарок за кој сум длабоко благодарна. Ти благодарам“, рече Шарапова која додаде дека му го дала животот на тенисот, а и тенисот ѝ дал живот.