Кошаркарската репрезентација на Македонија нема да биде дел од квалификациите за Светското првенство, но задутре дома против Унгарија има шанса да дојде барем до првата победа во претквалификациите.
Младиот, сериозно ослабен состав, треба да покаже дека нешто „научил“ во овој месец август, дека „пораснал“, макар и малку, во пресрет на она што доаѓа веќе оваа зима, и новите предизвици.
В среда селекторот Марјан Илиевски нема да може да смета на еден од најискусните, Адем Мекиќ, кој има повреда на десното колоно, надвор од тимот е и Марко Миловановиќ (има здравствени проблеми).
Селекторот Илиевски „ја отвори“ душата и проговори за актуелниот момент во кој се наоѓа сениорската репрезентација.
„Најавивме дека ќе градиме тим за иднината. Меѓутоа мора да земеме еден факт кој е поразителен и ме загрижува, тоа е за ноемврискиот прозорец, што сите овие играчи не играат во некое високо натпреварување, или клубовите не играат меѓународни натпреварувања, па играчите немаат одредена улога во тимовите. Играчите кои се овде покажаа одредени квалитети, мислам дека требаа да имаат простор да добијат шанса во своите клубови, па така и клубовите да добијат од нив, но и ние како репрезентација, затоа што овие играчи не се штедат воопшто и се големи борци и работници“, вели Илиевски.
Илиевски додава дека е потребно време за некои работи во тимот бидат поставени на нешто повисоко ниво од постоечкото.
„Квалитетот кој не го поседуваме во напад е нешто што во клучните моменти ни одредува мечот да „оди“ кај поискусната екипа. Тоа беше случај на претходните два меча со Романија. Ние работиме на самодовербата кај играчите, за да не допира до нив цел оној наш менталитет како јавност. Самодовербата и тоа како им е потребна. Ќе стојам зад овие играчи, се додека го даваат максимумот и го почитуваат стручниот штаб, ќе ја имаат мојата поддршка“, порачува селекторот Илиевски.