19.8 C
Skopje
недела, 28 септември 2025

Марк Маркез после 2.184 дена повторно е шампион во Мото ГП!

Шпанецот Марк Маркез кој вози за Дукати Леново, денеска ја освои својата седма титула во Светското првенство во Мото ГП и прва по шест години, откако заврши втор на трката за Големата награда на Јапонија, зад победникот и негов тимски колега Франческо Бањаја. 

Со овој триумф, Маркез се израмни со Валентино Роси, двајцата имаат по седум светски титули во кралската класа (имаат титули и во класите од 125 и 250 кубици), пред нив е само Џакомо Агостини со 8 (последната ја освои пред толно 50 години).

Маркез има 201 поен предност, и титулата ја обезбеди иако останаа уште пет трки до крајот на сезоната во Мото ГП. Тој со солзи во очите гледаше специјално подготвено видео од организаторите, на кое беа прикажани снимки од турбулентните шест години за Шпанецот. Тој помина низ повеќе од 100 падови и четири операции, но 2.184 дена подоцна повторно е шампион.

„Тешко ми е да зборувам. Само сакам да уживам во моментот бидејќи беше навистина, навистина тешко. Сега можам да најдам мир. Направив голема грешка во кариерата кога се вратив на патеките прерано по операцијата. После тоа, сè беше борба, борба и уште борба“, рече расплаканиот Маркез. 

Неговите проблеми започнаа со несреќен пад во Херез на почетокот на 2020, по што тој претрпе четири големи операции на десната рака. И покрај периодите кога изгледаше дека е на работ да се откаже, Маркез продолжи да се бори и денес е повторно на врвот на светот.

- Оглас -

Најнови вести