Менаџерот на Тотенхем, Игор Тудор, се најде на удар на светската спортска јавност поради одлуката уште во 17-тата минута од првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите на гостувањето кај Атлетико Мадрид да го замени голманот Антонин Кински (22). Атлетико славеше со 5-2, а веќе по 15 минути имаше предност од 3:0. Од трите гола што ги прими Тотенхем во тој период, два беа директна вина на голманот.
Кински синоќа првпат оваа сезона настапи во Лигата на шампионите, што само по себе беше големо изненадување од страна на Тудор. Тренерот објасни дека се одлучил на таков потег бидејќи сакал да го тргне од голот првиот чувар на мрежата Гуљелмо Викарио, кој во последно време беше под критики. Сепак, оваа одлука многу брзо му се врати како бумеранг, па во 17-тата минута Тудор го замени Кински.
Навивачите на Тотенхем и љубителите на фудбалот воопшто беа шокирани од фактот што тренерот толку рано го повлече голманот од игра, а дополнително ги изненади и тоа што при замената ниту го поздрави ниту се обиде да го утеши младиот чувар на мрежата.
Шпанската „Марка“ исто така беше зачудена од однесувањето на Тудор кон својот голман. Коментарот за натпреварот го наслови: „Човекот што го почна натпреварот со Кински беше истиот што подоцна го ‘уби’: Тудор.“
„Антонин Кински. Запомнете го ова име, бидејќи веќе влезе во историјата на Лигата на шампионите. Она што се случи за време на гостувањето на Тотенхем на ‘Метрополитано’ засекогаш ќе биде поврзано со него – со неговите 17 минути на теренот и со замената која повеќе зборува за неговиот тренер Игор Тудор отколку за самиот голман.
Да не заборавиме, Кински има само 22 години и ова му е дури втора сезона на елитно ниво. Сепак, оваа сезона одигра само два натпревара пред гостувањето кај Атлетико.
Неговите две сериозни грешки кои доведоа до голови го испратија на клупата. Тоа предизвика шок кај неговите соиграчи, кај публиката на ‘Метрополитано’, па дури и кај самиот играч, кој пцуеше додека се упатуваше кон клупата, кон никој друг, туку кон Игор Тудор – човекот кој одлучи дека токму овој натпревар против Атлетико е најдобриот момент првиот голман Викарио да остане на клупата“, напиша „Марка“.

