Барселона сè повеќе го губи стилот, пристојноста и манирите на фудбалски великан, а потегот со купувањето на Мартин Брајтвајт од Леганес надвор од преодниот рок е мизерен и од ерата на коњокрадците, пишува влијателната „Марка“ во осврт на трансферот на данскиот репрезентативец на „Камп ноу“.
Шпанскиот медиум што е близок до Реал Мадрид жестоко распали по Барселона, која имаше легално право да го купи данскиот репрезентативец поради повредите на напаѓачите Суарес и Дембеле, но во „Марка“ сметаат дека чинот е крајно неморален за голем клуб каков што е каталонскиот.
„Благодарение на правилата кои се пишувани во корист на Барселона, тие можат да го купат Брајтвајт или кој било друг играч надвор од преодниот рок. Тоа е чин од ерата на коњокрадците и без стил, морал и пристојност. Барселона стана неморален клуб, а не е ни чудо бидејќи ја водат луѓе како Хозеп Марија Бартомеу. Ова е ужасен потег на гигант. Ако не веруваат, нека прочитаат што велат симпатизерите на фудбалот на социјалните мрежи“, пишува „Марка“.
Брајтвајт е купен за 18 милиони евра од Леганес, екипа која беше немоќна да се спротивстави на шпанскиот гигант. Тимот од Мадрид се бори за опстанок, а новинарите на „Марка“, меѓу другото, пишуваат дека Барселона го осуди Леганес на испаѓање.