Маркизио во „војна“ со фановите на Јуве: „Вие немате поим и не сте навивачи!“

Клаудио Маркизио беше играч од средниот ред на Јувентус од 2005 до 2018 година и со клубот освои седум титули во Серија А и вкупно 15 трофеи. Играч со скоро 400 настапи за Јуве, со кој двапати играше и во финалето на Лигата на шампионите, а во последните денови се наоѓа на удар на навивачите.

Причината е една изјава која ги навреди најжестоките припадници на навивачката група на Јувентус. Гостувајќи во еден подкаст, Маркизио изјави дека во Торино има повеќе навивачи на други клубови отколку на Јувентус, чијашто база на поддржувачи е распространета низ цела Италија. Иако тоа, според италијански извори, не е неточна ниту нова информација, пред ресторанот во сопственост на легендата на Јувентус осамна транспарент со навредлива порака.

„Како играч беше слуга на клубот, како невработен коментатор си предавник, а во животот си ѓубре“, пишуваше на транспарентот.

Тоа предизвика реакција од Маркизио, кој сè огласи на „Инстаграм“ и порача дека само цитирал статистика, а се разбудил со телефон полн со пораки.

„Ви се обраќам вам четворицата со маскирани лица, кои гордо го истакнавте транспарентот. Секако, секој има право да го изрази своето мислење, ако тоа е во границите на пристојноста“, напиша Маркизио.

„Она што не можам да го поднесам е што некои луѓе мислат дека се ‘навивачи’ со право да прават работи што ја преминуваат границата. Зошто мислите дека имате право да го поставите тој транспарент пред ресторанот каде што јас не сум единствен сопственик? Зошто мислите дека луѓето што работат таму треба да губат драгоцено време отстранувајќи го и дека останатите фирми во близина треба да бидат погодени од овој гест?

Немате поим… Затоа што во фудбалот сè е дозволено? Затоа што нема ограничувања? Повторувам, не ме иритира ни пораката, туку тоа што е поставена пред ресторанот.
Немате поим. Не можете ни да замислите какви жртви поднесовме јас и моето семејство, километри што ги изминав како дете за да тренирам и за да играм во провинциите, детството што го пропуштив, пријателите што ги изгубив затоа што никогаш не бев присутен. Не можете ни да замислите колку време не можев да поминам со жена ми и децата, тоа никогаш нема да се врати.

Немате поим за болката што ја поминував низ повредите, а не ми поминува ниту сега. Не знаете ништо за храброста што е потребна да се отстапи кога ќе дојде време и да ги ставиш потребите на тимот пред своите. Исто така, не знаете колку беше прекрасно да се живее овој живот со многу навивачи што ме бодреа. Тоа се навивачи, а вие не сте!“, напиша Клаудио Маркизио.

- Оглас -

Најнови вести