Искусниот австриски напаѓач Марко Арнаутовиќ од денеска е ново засилување на Црвена ѕвезда. Тој пристигна во Белград каде што беше дочекан со аплаузи и овации, а лично генералниот директор Звездан Терзиќ го одведе на стадионот „Маракана“. Арнаутовиќ потпиша договор со српскиот шампион до 2027 година и ќе го носи дресот со број „89“.

Роден во Виена во 1989 година, Арнаутовиќ ја започнал својата кариера во младинските категории на Флоридсдорфер, а потоа играше и за Австрија Виена и Рапид. Своето име на европската сцена го изгради преку настапите за холандскиот Твенте.
Во 2009 година се пресели во Интер, каде што имаше можност да работи со легендарниот Жозе Мурињо. По една сезона на позајмица, замина во Вердер Бремен каде се наметна како еден од носителите на тимот.
Следуваа ангажмани во англиската Премиер лига, прво во Стоук сити, а потоа и во Вест хем, каде имаше одличен настап и голгетерска форма. Во 2019 година ја прифати понудата од Кина и потпиша за Шангај СИПГ. По две сезони, се врати во Европа со трансфер во Болоња, каде повторно соработуваше со Синиша Михајловиќ.
Со својата физичка доминација, техничка умешност и реализаторски инстинкт, Арнаутовиќ повторно го привлече вниманието на Интер, со кој ја освои италијанската Серија А.
Сега, во завршната фаза од кариерата, тој ќе го носи дресот на Црвена ѕвезда и ќе се обиде со своето искуство да му помогне на клубот во домашните и европските предизвици.