Најдобриот стрелец во изминатата сезона во Првата македонска фудбалска лига, Марко Ѓорѓиевски, ја продолжува својата кариера во Романија. 25-годишниот напаѓач потпиша договор со Клуж, еден од најуспешните клубови во романскиот фудбал.
Ѓорѓиевски доаѓа во Клуж по две и пол сезони во дресот на Силекс Кратово, каде што одигра 71 натпревар, постигна 30 голови и оствари 13 асистенции. Во сезоната 2024/25, тој беше најдобар стрелец во Првата лига, заедно со Бесарт Ибраими.

Во својата кариера, Ѓорѓиевски има настапувано и за Брера Струмица и Шкупи, со кој ја освои шампионската титула во 2022 година. Покрај домашната сцена, тој има интернационално искуство и во Србија, каде што го носеше дресот на Вождовац и Раднички Пирот.
Марко Ѓорѓиевски е и поранешен младински репрезентативец на Македонија, со седум настапи за селекцијата до 21 година.