Македонската ракометна репрезентација веќе е во Данска, а утрово веќе го имаше и првиот тренинг. До почетокот на Европското првенство остануваат уште неколку дена, а Македонија во првото коло, на 16 јануари (в петок) ќе игра против домаќинот и најголемиот фаворит за златниот медал, Данска.
Еден од оние кои се очекува да бидат лидери на теренот е Марко Митев. Играчот кој неколку месеци паузираше поради тешка повреда, веќе се враќа во одличен ритам и треба да биде адут на Македонија во дуелот не само против Данска, туку и мечевите против Португалија и против Романија.
„Имавме долг пат, бевме малку изморени, но имавме време вечерта да се одмориме. Одработивме еден утрински тренинг, а вечер ќе одиме во сала да работиме. Нашиот фокус е на првиот меч против Данска, тие се фаворити, но ние ќе го дадеме максимумот и сакаме да стигнеме до добар резултат. Ќе се обидеме да го следиме нивниот ритам и се надеваме на позитивен резултат“, вели Митев.

