Некогашното чудо од дете на хрватскиот фудбал, Марко Пјаца, потпиша за Динамо Загреб, неговиот клуб од детството и почетоците на сениорската кариера.
Пјаца во 2016 година замина од Динамо и премина во Јувентус, но не се прослави во Старата дама, имаше и тешки повреди, па низ годиниве најчесто играше како позајмен во повеќе клубови. Минатата сезона играше за Риека, а сега се враќа дома, во редовите на Модрите, кои ги напушти пред осум години, по еден меч од европските купови против скопски Вардар.
„Динамо вечно ќе биде мојот клуб, што е и нормално за момче од Загреб. Сонував да играм за Динамо, секогаш ќе навивам за овој клуб и ќе ги следам неговите натпревари“, рече Пјаца кога си одеше, а сега има 29 години и ќе биде засилување за нападот на Модрите.