Марко Розе имаше блескави моменти во Ред Бул Салцбург, но на убавата 6-годишна авантура ѝ се гледа крајот. Германецот се враќа во својата родна земја и од ова лето ќе биде нов тренер на Борусија Менхенгладбах. Тоа веќе доби потврда и на официјалниот клупски сајт на австрискиот шампион.
Розе почна како тренер на јуниорскиот тим на Салцбург за играчи до 19 години, а со своите избраници приреди редок подвиг. Талентите на австрискиот тим од квалификациите стигнаа на тронот на Европа, односно ја освоија титулата во младинската Лига на шампиони.
Розе и неговите избраници на триумфалниот пат го елиминираа Вардар, а потоа ги нокаутираа и фаворитите Манчестер сити, ПСЖ, Атлетико Мадрид, Барселона и во финалето и Бенфика.
Тоа беше одлична препорака за 42-годишниот Розе да биде префрлен во првиот тим, и тоа како главен тренер. И со него како кормилар, Салцбург стигна до полуфиналето во Лигата на Европа, а само неколку моменти ги делеа и од мечот за пехарот, но Марсеј се протна во финалето со гол во финишот на второто продолжение.