Во Мароко максимално ангажирано се подготвуваат за Светското првенство во фудбал кое ќе се одржи во 2030 година, на кое ќе бидат меѓу главните организатори заедно со Шпанија и Португалија.
Во Рабат за рекордно време само од две години е изграден стадион со капацитет од 68.700 седишта (втор најголем во Мароко).
Во летото 2023 година, стадионот „Принц Мулај Абдела“ беше урнат за да се направи место за посовремена градба.
Помалку од две години подоцна, во подвиг што ги побива светските стандарди (изградбата на слични стадиони трае помеѓу четири и шест години), Мароко му претстави на светот нов спортски бисер.
Веднаш по уривањето на стариот стадион во 2023 година, работниците беа ангажирани во смени, 24 часа на ден. Според достапните информации, работната сила дури била пренасочена од други големи проекти за да се исполнат екстремно кратките рокови. Овој пристап предизвика одредена дебата во земјата, но во исто време ја демонстрираше решеноста на Мароко да ги исполни своите глобални спортски амбиции.
Неговиот дизајн е инспириран од мароканското наследство, со фасада слична на палма, покрив и најсовремено LED осветлување. Друг белег е хибридниот терен, комбинација од природна трева и синтетички влакна, прв од ваков вид на континентот.
Комплексот има и луксузни ВИП ложи, медиумски центри и напредни системи за управување со толпата. Целата инфраструктура, која вклучува пет пристапни моста, шест паркинзи, олимписки базен и сала, го прави мултифункционален центар подготвен за најголемите спортски и културни настани.
Во непосредна близина на главниот стадион се наоѓа арена со 21.000 седишта, првенствено наменета за атлетика и помали фудбалски натпревари. Има патека со девет ленти сертифицирана од Светската атлетика, што ја прави идеална за домаќинство на средби од Дијамантската лига.
Комплексот официјално беше отворен на 4 септември, кога го отвори престолонаследникот Мулај Ел Хасан, а следниот ден, новиот стадион ја имаше својата премиера во официјалниот натпревар помеѓу Мароко и Нигер во квалификациите за Светското првенство во 2026 година, симболично означувајќи ново поглавје во спортската историја на Рабат.
„Стадионите денеска се многу повеќе отколку само место за играње фудбал. Тие се симболи на државата и места за обединување на луѓето. Овој стадион е вистински бисер, го покажува модерното Мароко“, рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.