Африканската фудбалска конфедерација ги соопшти конечните казни по хаосот на дуелот меѓу Мароко и Сенегал на Африканскиот куп на нациите 2025. Дисциплинските органи донесоа строги мерки против двата национални состави и нивните федерации поради сериозните инциденти на теренот и надвор од него.
Најстрого е санкциониран Сенегал. Селекторот Папе Тијав е суспендиран на пет натпревари и парично казнет со 100.000 долари, додека фудбалерите Илимaн Ндијае и Исмаила Сар ќе паузираат по два меча. Дополнително Сенегалската федерација доби вкупна глоба од 615.000 долари поради напуштањето на натпреварот пред неговото официјално завршување и однесувањето на службените лица.
Ниту Мароко не помина без последици. Ашраф Хакими доби суспензија од два натпревари, а Саибари ќе отсуствува три меча и ќе плати казна од 100.000 долари. Фудбалската федерација на Мароко е дополнително казнета со 300.000 долари, како и уште 200.000 долари поради инциденти поврзани со собирачите на топки.
Во меѓувреме, дисциплинската комисија ја одби жалбата на Мароко за поништување на одлуките и евентуално повторување на финалниот натпревар.
И покрај сите случувања, титулата шампион на Африка за 2025 година официјално останува во рацете на Сенегал.

