Раководството на француската Лига 1 добило закани за судска тужба доколку дерби-мечот Марсеј – Пари Сен Жермен не се игра вечерва. Големото француско дерби требаше да се игра вчера, но беше одложен поради невреме и по бројни консултации, беше договорено да играат вечерва од 20 часот.
Француската фудбалска лига сакала да го презакаже натпреварот за во вторник, за да избегне судир со церемонијата за доделување на Златната топка, која се одржува вечерва од 21 часот. Сепак, Марсеј одби, повикувајќи се на прописите. Клубот искажал и намера да поднесе тужба доколку натпреварот не се игра вечерва.
Дури и терминот предизвикал тензии. ПСЖ сакаше да избегне играње во понеделник навечер поради церемонијата за доделување на Златната топка, на која Усман Дембеле и неколку други членови на ПСЖ може да добијат престижни награди. Но, клубот од Марсеј инсистирал да се игра денеска од 20, одбиле и предлог на ПСЖ да се игра од 15 часот за да можат по мечот да се вратат во Париз и да бидат на церемонијата.
Дембеле, кој е фаворит за Златната топка за играч на годината, ќе биде во Париз затоа што е повреден и не може да игра на дербито со Марсеј. Но, на церемонијата ќе го нема Луис Енрике, кој е кандидат за тренер на годината.