Се појави неочекуван проблем за Реал Мадрид пред реваншот со Челзи од полуфиналето на Лигата на шампионите. Може да се случи бразилскиот лев бек Марсело да не замине во Лондон затоа што по случаен избор тој е избран да биде во избирачки одбор за време на локалните избори за собранието на Мадрид на 4 мај.
Марсело, кој веќе десет години има и шпански пасош, на 4 мај од 8 наутро до доцна вечерта треба да биде на гласачко место во Мадрид, а тој ден Кралскиот клуб треба да отпатува за Лондон. Реал веднаш ги контактира градските власти и од нив побара промена на одлуката. За тие што неоправдано нема да се појават во одборот, според шпанскиот закон, може да бидат казнети и со затворска казна во траење од три месеци до една година.
Марсело е резерва опција на позицијата лев бек, но во моментов повреден е стартерот Ферланд Менди, па ако Менди не може да игра ни на реваншот, тимот ќе остане без класичен лев бек.