Марсијал и Погба му откажаа на селекторот Дешамп

Пол Погба и Ентони Марсијал нема да играат за француската репрезентација на претстојните два меча, и тоа е малер за селекторот Дидие Дешамп, бидејќи играчите на Манчестер јунајтед беа во добра форма, особено Марсијал кој на пет меча по ред во Премиерлигата дава голови.

Тие двајца се појавија на тренинг кампот во Клерфонтен, но лекарот на репрезентацијата, Франк Ле Гал, ги прегледа и ги ослободи од обврските.

Погба од гостувањето кај Јувентус има повреда на бутот на левата нога, и не настапи ниту на градското дерби против Манчестер сити. Марсијал играше со Сити, даде и гол од пенал, но ги повреди препоните, и нема да игра за „триколорите“ на дуелите со Холандија и Уругвај. Мечот со „лалињата“ на 16 ноември е од Лигата на нации, а четири дена подоцна следува пријателски меч со Уругвај.

По откажувањето на ѕвездите на Јунајтед, Дешамп ги повика Муса Сисоко од Тотенхем и Александре Лаказет од Арсенал. Сепак, Лаказет и покрај повикот ќе мора да ги пропушти репрезентативните обврски, бидејќи и тој се справува со повреда, додека „триколорите“ останаа и без Бенџамин Менди, бекот на Сити, од истата причина.

- Оглас -

Најнови вести