Мартин Лантеро е навивач на клубот Ривер плате и отпатува од Мадрид до Буенос Аирес за да го гледа реваншот од финалето на Копа Либертадорес, но остана со празни раце бидејќи дуелот беше одложен.
Тој беше многу разочаран, но разочарувањето се претвори во радост кога дозна дека реваншот ќе се игра во градот во којшто живее и сепак ќе може да ја гледа средбата во која ќе се одреди првакот на Јужна Америка.
„Пред една и пол година се преселив во Шпанија. Сега ќе имам историска прилика да присуствувам на мечот на кој сакаат да бидат сите навивачи на Ривер. Бев во Буенос Аирес и кога се одложи мечот, бев премногу разочаран. Натпреварот требаше да се игра на „Монументал“, кај нас дома, не можам да ја оправдам одлуката бидејќи клубот не е виновен за тоа што се случи. Ни ја одземаа предноста на домашниот терен. Кога веќе се реши да биде во Мадрид, требаше да пуштат на стадион да влезат само навивачи на Ривер“, вели 25-годишниот Мартин, кој работи за дигитална маркетинг-агенција.