Мартинес уште еднаш покажа дека е мајстор за бранење пенали, Фиорентина по продолженијата до полуфинале (Видео)

Астон вила обезбеди пласман во полуфиналето во Лигата на конференции откако по подобро изведување пенали беше подобра од Лил, а херој беше голманот на аргентинската репрезентација, Емилијано Мартинес.

Аргентинецот кој со свирежи беше дочекан во Лил бидејќи беше најзаслужен за триумфот на Гаучосите во финалето на СП 2022 година против Франција, и вечерва покажа зошто е мајстор за бранење на удари од белата точка.

Тој го одбрани шутот во првата серија на Бенталеб, а откако голманот на Лил, Лукас Шевалие, во четвртата серија го одбрани шутот на Лион Бејли, Мартинес повторно стапи на сцена во последната петта серија. Аргентинецот успеа да го одбрани ударот на капитенот на Лил, Бенжамен Андре и да ја однесе Астон вила во полуфиналето.

Астон вила со 4:3 беше подобра во пенал-рулетот откако Тилеманс, Воткинс, Кеш и Даглас Луис беа сигурни реализатори од белата точка.

Во регуларниот дел од натпреварот, Астон вила се спаси од елиминација со гол во 87-мата минута, со кој намали на 2:1 за Лил, резултат кој беше идентичен од првиот меч на кој славеше премерлигашот.

Головите за Лил ги постигнаа Јусуф Јазичи и Бенжамен Андре.

Астон вила во полуфиналето ќе игра со подобриот од двомечот меѓу Фенербахче и Олимпијакос.

Фиорентина во полуфиналето во Лигата на конференции се пласира откако со 2:0 по продолженијата беше подобра од П’лзењ.

По 180 минути игра немаше голови, но Виолетовите во продолженијата конечно ја искористија предноста од играч повеќе по исклучувањето на Каду во 66-тата минута и преку Гонзалес во 92-рата и Бираги во 108-мата минута дојде до триумф, кој ја однесе во полуфиналето.

Италијанскиот тим за пласман во финалето во Лигата на конференции ќе игра со подобриот од мечот меѓу Бриж и ПАОК.

- Оглас -

Најнови вести