10.8 C
Skopje
петок, 13 февруари 2026

Масар Омерагиќ: Силни противници, но вистински тест за Македонија

Извлекувањето за петтото издание на Лигата на нациите ѝ донесе сериозен предизвик на најдобрата македонска репрезентација. Во групата од Сегментот Б ќе се соочиме со селекциите на Шкотска, Швајцарија и Словенија.

По ждрепката во Брисел, своите впечатоци ги изнесе претседателот на Федерацијата, Масар Омерагиќ.

„Убаво е повторно да се види Македонија во вакво друштво, меѓу силни репрезентации. Објективно гледано, извлековме силни противници. Швајцарија и Шкотска, репрезентации кои веќе изборија пласман на Светското првенство, и Словенија, која исто така е квалитетна селекција. Но, во Б-сегментот сите противници се силни. Сепак, Македонија веќе многупати покажа дека знае најдобро да игра против силни ривали, па очекувам и овојпат да бидеме на високо ниво, а навивачите да уживаат во натпреварите.

Веруваме во селекторот, веруваме во фудбалерите и ќе имаат максимална поддршка да ги остварат сите цели. Треба да одиме чекор по чекор. Нема потреба да бегаме од силни противници. Квалитетот се докажува токму на вакви натпревари, со карактер и со желба. Оваа група ќе ни овозможи јасно да видиме кои се нашите реални можности и каде сме во однос на најдобрите.

Ако некој посакува да играме само во Ц или Д дивизија за да победуваме, тоа е залажување за самите себеси. За фудбалерите, ваквите натпревари треба да претставуваат уживање, но и вистински тест. На вакви дуели се станува фудбалер. Во оваа група навистина треба да видиме колку вредиме“.

- Оглас -

Најнови вести