Фаустино Асприлја воопшто не се сменил и нема влакна на јазикот, без разлика дали е во право или не, а во изјава за „Газета дело спорт“ го поткачи и Дејан Кулушевски.
Дејан, кој сè уште игра за Парма, клуб во кој се прослави и Асприлја потпиша договор со Јувентус за 35 милиони евра, плус бонуси, а Фаустино вели дека за 19-годишниот офанзивец се платени премногу пари.
„Ако Кулушевски вреди 44 милиони евра, тогаш јас бев играч од 300 милиони евра“, вели Асприлја, кој додаде дека Швеѓанецот со македонски корени е добар играч, но сепак за него италијанскиот шампион платил превисока цена.
Асприлја играше за Парма во два наврати, од 1992 до 1996 година и потоа во сезоната 1998/99, а покрај одличните настапи, се памети и неговиот оригинален стил при прославувањето на головите со салто.
Во Европа играше и за Аталанта и Њукасл. Интересно е што во интервјуто за „Газета дело спорт“ го оквалификува напаѓачот на Аталанта, Мјуриел, како играч што нема карактер, објасни дека Запата, кој е негов сонародник, треба да го напушти тимот од Бергамо ако сака да освојува пехари, а Иличиќ, според него, веќе го достигнал зенитот и не може да игра подобро од тоа што го игра оваа сезона.