Српскиот фудбалер Немања Матиќ, кој е поранешен ас на Манчестер јунајтед и Челзи, а сега е во Сасуоло, ги критикуваше швајцарските репрезентативци со косовско потекло, Гранит Џака и Џердан Шаќири.
Матиќ играше на Светското првенство во Русија во 2018 година и на познатиот натпревар во Калининград, кога Џака и Шаќири дадоа голови за пресврт и победа против Србија, а потоа славеа со покажување на „албанскиот орел“, исто како и четири години подоцна во Катар.

Во интервју за британскиот „Фор фор ту“, Матиќ ги праша двајцата зошто не играат за Албанија наместо за Швајцарија кога веќе толку многу ја промовираат.
„Ги почитувам како фудбалери, играв против нив неколкупати во Премиер лигата. Но, тие со ситници добиваат евтини политички поени. Пораснале во Швајцарија и не покажуваат почит кон земјата за која играат. Ако толку многу ја сакаш Албанија, зошто не играш за Албанија? Тоа е моето прашање“, рече Матиќ, кој не играл за Србија од 2019 година од лични причини, но објасни дека за него постои само една земја.
„Можеш да сакаш неколку земји, тоа не е проблем. Ја сакам Србија, тоа е моја земја. Ја сакам и Англија, поминав многу време таму, но никогаш нема да кажам дека ја сакам Англија повеќе од Србија. Мора да бидете искрени. Играв против Џака многу пати и никогаш немав проблем. Секогаш се ракувавме, тој е добар играч, како и Шаќири. Но, јас никогаш не би направил нешто такво за да провоцирам некого. Ги почитувам сите“, додаде Матиќ.

