Специјално од Сиде, Турција
Трајан Маневски
Веќе две недели Вардар е на подготовки во Сиде, Турција, каде се темпира формата за почетокот на вториот дел од сезоната во македонското првенство. Црвено-црните во Сиде се без најдобриот играч од есенскиот дел, Роџерс Мато (чека реализација на трансфер во шкотски Хартс), но во вардаровиот табор веруваат дека и без првиот стрелец во тимот, нема да има проблеми во реализацијата.
Покрај капитенот Азар Омерагиќ кој имаше одлична полусезона (постигна осум голови, а имаше и четири асистенции) и ќе биде главен адут во офанзивната линија, тука се и Михаил Талевски и Едиз Спахиу.
Двајцата, Спахиу и Талевски во сезонава постигнаа по два погодоци, а веруваат дека во продолжување на првенствените возбудувања ќе бидат уште поефикасни.
„Напорно работиме. Најважно е одлично да бидеме подготвени пред почетокот на втората полусезона затоа што знаеме дека нé очекуваат многу предизвици и тешки натпревари“, вели 21-годишниот Талевски кој е еден од младинците во составот на тренерот Гоце Седлоски. Талевски беше херојот на Вардар постигнувајќи ги двата гола во ланското финале во Купот на Македонија, кога Црвено-црните по пауза од 18 години се израдуваа на пехарот во најмасовното натпреварување.

Спахиу неодамна ја продолжи верноста со Вардар до 2028 година и тој треба да биде еден од оние кои најмногу треба да ја пополни празнината во екипата по заминувањето на Мато.
„Нашата цел е да бидеме максимално подготвени пред стартот на пролетниот дел. Сите ривали ќе имаат посебен мотив да одиграат најдобро против Вардар и ние сме свесни дека тоа е така, па затоа мора на секој меч да бидеме максимално подготвени. Јасно е дека наша цел е да го задржиме првото место во првенството и да ја одбраниме титулата“, вели крилниот офанзивен играч Спахиу.


