Мато откри зошто го одбра тој начин да ги прослави погодоците против Пелистер

Роџерс Мато дефинитивно го заслужи приматот за најдобар играч во 25-тото коло во македонската фудбалска лига. На играчот на Вардар доволно му беа помалку од половина час да биде клучен на теренот во дербито во Битола, каде што Вардар славеше со 3:1, а токму Мато беше стрелец на два погодоци во вториот дел.

Мато во игра влезе во 63-тата минута, а веќе во 75-тата минута погоди за водство на Вардар од 2:1. Веќе во 82-рата минута беше 3:1 за Црвено-црните, а повторно стрелец на погодокот беше Мато.

По двата погодоци, Мато прослави пред навивачите на Пелистер, што наиде на негодување кај домашната публика, а играчот на Вардар доби и жолт картон. Сега, откако страстите се смирија, Мато реши за „Спорт Манија“ да објасни зошто токму на тој начин славел.

„Многу сум среќен што дадов два гола, но уште посреќен сум што победивме. Знам дека тоа е дерби меч, а јас успеав само неколку минути откако влегов во игра да постигнам не еден, туку два гола. Секако дека емоциите во тие моменти се на највисоко ниво. Едноставно сакав да прославам, бев среќен“, ни изјави Мато, кој има и низа прашања за кои не може да си даде одговор, а се однесува на навивачите во Битола.

„Видовте што се случуваше уште од самиот почеток на мечот. Кога топката ќе дојдеше до Даниел Донгмо или до Фаустин, веднаш од гледалиштето се слушаа извици „Уууу“. Кога топката беше кај други играчи, такви неартикулисани звуци и гласови немаше. Јас бев на клупата за резерви и се прашував зошто навивачите тоа го прават само кога топката е кај црномурните играчи. Што е нивниот проблем. Ништо не правиме, само играме фудбал. Никого не навредуваме“, се прашува Мато, кој е репрезентативец на Уганда и само четири дена пред мечот во Битола, одигра 90 минути за националниот тим во победата од 1:0 над Гвинеја.

„Кога дадов гол, само се затрчав и се лизнав на колена. Тогаш повторно почнаа извиците од трибините. Имав набој на емоции, па кога почнаа тие да навредуваат, решив да им вратам со гестикулации. Тоа беше дерби-меч. Секој фудбалер кога ќе даде гол на дерби-дуел, има посебна емоција да прослави. Јас по мечот се извинив за мојот начин на прослава, но се надевам дека никогаш повеќе нема да се слушаат тие неубави звуци од трибините за да се наведуваат црномирните фудбалери“, потенцира Мато.

По оваа победа Вардар стигна до 25 бода и се искачи на осмото место на табелата. Освен дуелите во првенството, Црвено-црните се дел и од полуфиналето на Купот на Македонија, што значи дека останува шансата сезоната да се заврши со освоен трофеј.

„Добро се снајдов во Вардар. Тука сите сме како семејство. Победуваме и излеговме од опасната зона за испаѓање. Треба да продолжиме да се бориме, секој меч за нас е како финале. Освен во Купот, ќе играме и во полуфинале на Купот. Тоа е нашата шанса сезонава да освоиме трофеј, а со тоа и да се избориме за излез во Европа“, заврши Мато.

Вардар е без пораз во првенството и Купот на вкупно седум меча (четири победи и три ремија). Следниот предизвик за најтрофејниот македонски клуб ќе биде дуелот против Брера на гости во Струмица, закажан за 6 април.

- Оглас -

Најнови вести